СДСМ го повика министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да ги примени истите критериуми и кон Унгарија, откако тој реагираше на случајот со Ива Михаилова и порача дека е непристојно земја членка на ЕУ да биде прибежиште за лица кои бегаат од правдата.
Од опозициската партија прашуваат зошто Муцунски не испраќа подеднакво јасна порака до Будимпешта и зошто, според нив, сè уште не е доставена целосната документација за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.
„Ако е непристојно Софија да биде прибежиште, непристојно е и Будимпешта да биде прибежиште“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата упатуваат критики и до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за молк во врска со безбедносни прашања и пропусти на границите. Во соопштението ги споменуваат и петте тони дрога за кои тврдат дека поминале преку граница кон Србија.
СДСМ бара од Муцунски јавно да објасни зошто документацијата за екстрадиција на Груевски не е комплетирана и да се залага за еднаков третман во сите случаи поврзани со лица кои ја избегнуваат правдата.
Од партијата порачуваат дека нивниот став е ист и за случајот со Ива Михаилова и за Груевски, нагласувајќи дека правните стандарди треба да важат подеднакво.

