Нереализирани инфраструктурни проекти, проблеми со јавните површини и влошена состојба во локалниот спорт – ова се дел од забелешките што ВМРО-ДПМНЕ ги упатува до локалната власт во Македонска Каменица, по една година управување на СДСМ.
Од партијата бараат одговори за повеќе најавени, но сè уште незавршени проекти, меѓу кои продолжувањето на канализацијата во Тачовско Маало, изградбата на улицата Карпошова и реконструкцијата на улиците Валевичарска, 14 Јуни, Јаков и Горна Река.
Посебно ја посочуваат пешачката патека до Павлиш Дол, чија изградба започнала во април, но сè уште не е завршена. Според ВМРО-ДПМНЕ, на делови од патеката веќе се забележуваат оштетувања, а дополнителни прашања отвора и фактот што во реализацијата биле сменети пет подизведувачи.
Од партијата бараат објаснување и за потрошените 30.000 евра за отстранување на фонтаната на градскиот плоштад, како и за сè уште незавршената санација на дел од кејот, кој се урнал пред околу десет месеци.
Критики има и за состојбата во спортот. ВМРО-ДПМНЕ наведува дека ФК Каменица Саса испаднал од Втората лига, женскиот фудбалски клуб не ги повторил претходните успеси, а неизвесна е и иднината на кошаркарскиот клуб Баскет Кам, поранешен петкратен шампион на Македонија.
Од партијата бараат локалната власт јавно да ги презентира реализираните проекти, потрошените средства и плановите за довршување на инфраструктурните зафати, како и мерките за поддршка на спортските клубови.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните на Македонска Каменица заслужуваат конкретни резултати, завршени проекти и подобри услови за живот.

