Околу два тона свежо и замрзнато месо и месни подготовки се одземени при вонредни инспекциски контроли во малопродажни објекти во Радовиш, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Одземените производи денеска ќе бидат уништени на депонијата „Дрисла“.
Инспекциски контроли биле спроведени и во селото Пепелиште, Неготинско, каде што било откриено лице кое без одобрение произведувало димени месни производи и чварки, а потоа ги продавало преку социјалните мрежи.



ФОТО: АХВ
Од него биле одземени 50 килограми месни производи, меѓу кои печеница, кулен и димена сланина.
Од АХВ информираат дека производите немале декларација за потеклото, а биле чувани и преработувани во несоодветни и нехигиенски услови, што претставува ризик за безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите.
Агенцијата најавува дека контролите ќе продолжат, со цел спречување на нелегалното производство и продажба на небезбедна храна и заштита на здравјето на граѓаните.

