Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова остварила средба со група поранешни студенти на Универзитетот Харвард, кои се во посета на Македонија во рамки на студиска тура низ Балканот.
За време на средбата, гостите ги споделиле своите впечатоци од досегашната посета на регионот, вклучително и од запознавањето со македонското културно наследство и актуелните општествени случувања.
Според информациите од Кабинетот на претседателката, разговорот се фокусирал на актуелните глобални предизвици, со посебен осврт на безбедносните, економските и енергетските кризи, но и на моралните и политичките прашања со кои се соочува меѓународната заедница.
Сиљановска-Давкова предупредила на продлабочувањето на општествените поделби, растот на авторитарните тенденции и олигархиското влијание, како и на зголемената милитаризација и слабеењето на улогата на меѓународните организации, меѓу кои и Обединетите нации.
На прашањата за насилните протести во различни земји, претседателката се осврнала на економската и социјалната нееднаквост, сè поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните, како и на порастот на апатијата и безнадежноста, особено кај младите.
Во разговорот било отворено и прашањето за потенцијалот на македонската дијаспора, при што Сиљановска-Давкова ги посочила знаењето, образованието и професионалното искуство на иселениците како ресурс што може повеќе да придонесе за развојот на државата.
Како универзитетска професорка, таа ја нагласила и важноста на академската размена и отворениот дијалог, оценувајќи ги како значајни за подобро разбирање на општествените процеси, проверка на знаењето и изнаоѓање решенија за актуелните проблеми.

