Јавните институции ќе мора да ги земаат предвид и квалитетот и долгорочната исплатливост при изборот на понуди, а не да се водат исклучиво од најниската цена. Ова е една од новините предвидени со измените на Законот за јавните набавки, кои Собранието ги усвои на 122. седница.
Од Министерството за финансии информираат дека законските измени имаат цел да ја подобрат конкуренцијата, да ја зголемат транспарентноста и да овозможат поодговорно трошење на парите од јавниот буџет.
Една од главните промени е задолжителното користење на критериумот „најдобар сооднос помеѓу цена и квалитет“. Со тоа, при изборот на најповолната понуда ќе се оценуваат и квалитетот на производите и услугите, како и нивната долгорочна оправданост.
Предвидени се и новини во електронскиот систем за набавки од мала вредност, со кои треба да се поттикне поголемо учество на компаниите и да се зголеми конкуренцијата.
Измените опфаќаат и поширока дигитализација на постапките. Бирото за јавни набавки ќе добие проширени можности за користење современи дигитални алатки, вклучително и решенија засновани на вештачка интелигенција. Според Министерството, тие треба да помогнат во следењето на постапките, откривањето ризици и спречувањето можни злоупотреби.
Дополнително, ќе се овозможи автоматска размена на податоци меѓу институциите преку веб-сервиси, со што треба да се намали административното оптоварување и да се олесни спроведувањето на набавките.
Поголема јавност на постапките се предвидува и преку обврска за објавување известувања за доброволна претходна транспарентност во одредени случаи кога се преговара без претходно објавен оглас.
Промени ќе има и во професионалниот развој на службениците задолжени за јавни набавки. Наместо периодично повторно полагање испити за ресертификација, се воведува систем на континуирано стручно усовршување.
Со измените се ревидираат и вредносните прагови за примена на законот, во согласност со економските услови и растот на трошоците, како и надоместоците за жалбените постапки.
Од Министерството за финансии посочуваат дека промените се дел од реформите поврзани со Реформската агенда и Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, со цел националниот систем на јавни набавки да се приближи до европските стандарди.

