Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска пред компаниите членки на Стопанската комора ќе ги презентира достапните дигитални услуги, решенија и можности наменети за бизнис-секторот.
На средбата, иницирана од претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, претставниците на компаниите ќе имаат можност да се запознаат со практичните придобивки од користењето на новите дигитални услуги, како и со нивното влијание врз поедноставувањето на административните постапки и зголемувањето на ефикасноста во работењето.
Преку дискусија и размена на информации и искуства, со активно учество на претставници од надлежните органи и институции, Стопанската комора има цел да продолжи да придонесува кон изградба на технолошки напредно општество. Фокусот ќе биде ставен на создавање подобри услови за дигитална трансформација, која е од особено значење за бизнис-секторот и за целокупната економија.

