Градот Скопје се соочува со сериозни проблеми во делот на урбаната пристапност, а лицата со попреченост секојдневно се соочуваат со непремостливи пречки во движењето, реагираат од коалицијата „Менуваме“.
Во реакцијата се истакнува иронијата дека додека градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ужива во својот сендвич, за многу граѓани најобичната прошетка низ главниот град претставува борба со непристапни тротоари, непрописно паркирани возила и целосен недостиг од услови за самостојно движење.
„За некого сендвичот е пауза, а за некого излегувањето од дома е ризик, зависност од туѓа помош и уште едно разочарување од институциите. Колку вреди градскиот сендвич ако градот не е достапен за сите?“, порачуваат од коалицијата.

Од таму нагласуваат дека квалитетот на една локална самоуправа не се мери само преку новите фасади и свечените настани, туку според тоа дали слепите лица можат безбедно да се движат и дали лицата во инвалидски колички можат самостојно да стигнат до саканата цел. Од коалицијата „Менуваме“ потсетуваат дека лицата со попреченост не бараат милостина, туку институционална одговорност, додавајќи дека „сендвичот ќе се изеде, но одговорноста не смее да се проголта“, бидејќи пристапноста е основно човеково право, а не добра волја на локалните власти.

