Денес се наоѓаме во населбата Буњаковец, на улицата „29 Ноември“, денес позната како „Костурски херои“, каде што повторно се отвораат сериозни прашања за урбаното уредување и квалитетот на животот на граѓаните, изјави денеска Стефан Кирков, член на Градски комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите за овој објект, не е предвиден соодветен паркинг-простор, се сечат дрвја, а тротоарот е зафатен со градежни активности. Ова е особено загрижувачко во населба како Буњаковец, каде што паркирањето и движењето на пешаците и онака претставуваат сериозен проблем.
Господине Горан Герасимовски, како е можно да се планираат и реализираат вакви проекти без јасни одговори за паркирањето, зеленилото и безбедното движење на пешаците? Кој ги штити интересите на жителите на Буњаковец?
Господине Венко Филипче, заедно со вашиот градоначалник дојдете на терен и погледнете со какви проблеми се соочуваат граѓаните. Во кампањите се ветуваа хумано уредени населби, повеќе зеленило и подобри услови за живот, но граѓаните имаат право да прашаат дали тие ветувања се преточени во конкретни резултати.
Не е доволно само да се зборува за модерен и уреден Центар. Потребно е да се обезбедат услови во кои граѓаните ќе можат нормално да живеат, да паркираат, безбедно да се движат по тротоарите и да имаат пристап до зелени површини.
Затоа бараме Општина Центар јавно да ги разјасни условите под кои се одвива изградбата на оваа локација, дали се почитуваат одобрените планови и како ќе се заштитат пешачкиот простор и зеленилото.
Граѓаните на Буњаковец заслужуваат конкретни решенија, а не само предизборни ветувања. Центар треба да се развива во интерес на луѓето што живеат во него!, истакна Кирков.

