Секој нов месец носи нови поскапувања, а од наредната година се најавуваат и нови покачувања на струјата и парното, додека во Европа се предупредува на нов удар поради растот на трошоците за енергија, истакна на денешната прес-конференција Маја Серафимовска Борозан од СДСМ.
Според неа, додека многу земји преземаат мерки, владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не прави ништо и ги оставила граѓаните сами да се справуваат со кризата. Таа нагласи дека трошоците за живот за македонските граѓани од јануари досега се зголемени за 4.000 денари.
„Во октомври синдикалната минимална кошничка е над 70.000 денари, а со кирија за стан од 60 квадратни метри изнесува скоро 90.000 денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци. Македонскиот работник работи цел месец, а платата не му стигнува да преживее бидејќи има најниска плата во Европа“, порача Серафимовска Борозан.
Од СДСМ посочуваат дека околу 180.000 работници земаат плати помали од 31.200 денари месечно, додека минималната плата останува на 26.000 денари. Исто така, беше истакнато дека економските истражувања покажуваат оти на Македонија би ѝ биле потребни 52 години за да го достигне просекот на Европската Унија во благосостојбата.
Во своето обраќање, Серафимовска Борозан обвини дека власта ги одбила сите мерки на опозицијата за помош на граѓаните, вклучително и барањето за минимална плата од 600 евра, како и мерките за заштита на животниот стандард. Таа додаде дека ниту во новиот ребаланс на буџетот нема зголемување на минималната плата ниту помош за земјоделците, туку само зголемување на државниот долг за 4 милијарди евра за само две години.