Цената на суровата нафта Брент денеска се искачи на повеќе од 111 долари за барел, додека европските берзански индекси забележаа пад по информациите дека војските на САД и Израел разгледуваат нови напади врз Иран.
Суровата нафта Брент во 9:30 часот наутро поскапи за 2,62 проценти и достигна цена од 111,665 долари за барел. Во исто време, американската лесна сурова нафта WTI забележа раст од 2,49 проценти и се тргуваше по цена од 99,583 долари.
Берзанскиот скок доаѓа по извештајот на „Њујорк тајмс“, кој се повикува на неименувани американски претставници, дека американската и израелската војска подготвиле конкретни планови за нови напади врз Иран по американските избори за Конгресот следниот месец. Според истите извори, во тек се подготовки за воена операција која би била „кратка, но интензивна“.
Паралелно со воените планови, Соединетите Американски Држави им наложија на небитните владини службеници и нивните семејства да ја напушат Саудиска Арабија, пренесува CNBC.
Затегнатоста се одрази и врз цените на енергенсите во Европа. Европските фјучерси за гас за ноември на отворањето на берзата TTF во Амстердам се тргуваа по цена од 87,105 евра за мегават-час, односно околу 918 евра за 1.000 кубни метри.
Падот на европските берзи ја зафати целата континентална економија. Германскиот индекс DAX падна за 0,99 проценти, францускиот CAC 40 забележа пад од 1,26 проценти, британскиот FTSE 100 се намали за 0,72 проценти, италијанскиот FTSE MIB за 1,41 процент, а московскиот IMOEX забележа пад од 0,35 проценти.

