Доколку не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства, македонската економија ќе биде првата што ќе се соочи со последици, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ја коментираше изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој посочи дека до 2030 година на земјава годишно ќе ѝ бидат потребни по 50.000 странски работници за одржување на сегашното ниво на Бруто домашниот производ (БДП).
Запросен за коментар од новинарите по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, претседателот на Владата нагласи дека останува на поддршката за демографските и семејните политики, посочувајќи дека состојбите бараат длабински анализи.
„Јас кога зборував пред година и пол, две за семејни вредности, за фертилитет, тогаш ме направија дека сум заостанат, дека сум ретрограден, дека не знам што зборувам и што сè не изнапрочитав за себе, но за жал тој предизвик останува и понатаму. И тоа што го укажуваше потпретседателот на Влада и министер за транспорт, можеби е и потценета вредност, можеби ќе ни требаат многу повеќе за да ја задржиме економската активност“, додаде Мицкоски.
Премиерот се осврна и на праксата во земјите од Западна Европа, каде за зачувување на економската активност и раст на БДП секоја година се издаваат голем број работни дозволи за мигранти.
„Така што, колку и да сакаат да ми исмејуваат, јас ќе останам на оние семејни политики, на многудетни семејства и на политиките коишто значат иднина за Македонија како држава и нови работни места за македонскиот работник и поконкурентна македонска економија која што ќе расте“, потенцира премиерот Мицкоски.

