Албанскиот премиер Еди Рама соопшти серија строги казнени мерки кои ќе се применуваат против учесниците во масовните протести во Тирана, кои опфаќаат материјална одговорност за семејствата на демонстрантите, санкции во образованието и парични бонуси за полициските службеници.
Преку видео-обраќање, Рама ја информираше јавноста за новите одлуки со кои родителите на приведените или идентификуваните малолетници ќе сносат целосна материјална одговорност за оштетената јавна инфраструктура. Сметките за секој скршен семафор, запален контејнер или оштетена зграда ќе им бидат доставени директно на домашна адреса.
Правните експерти и граѓанските здруженија реагираат дека ваквото „колективно казнување“ нема законско упориште и служи за сеење страв.
Санкции се предвидени и во образовниот систем. Рама упати јавна закана дека секој наставник или професор што ги поттикнува или толерира учениците да протестираат, веднаш ќе го загуби своето работно место и засекогаш ќе биде исклучен од државниот систем.
За студентите се најавени следниве финансиски мерки:
- Загуба на стипендии: Секој студент против кого полицијата ќе поднесе пријава го губи правото на државна стипендија.
- Школарина: Оние што студирале бесплатно ќе мора да плаќаат целосна партиципација до крајот на студиите.
Додека за младите и просветните работници следуваат санкции, владата обезбеди вонредни парични бонуси за полициските службеници кои беа ангажирани во разбивањето на протестите.
Еди Рама изјави дека зад масовните демонстрации стојат странски влијанија од Русија и Иран, како и инфилтрирани екстремистички групи. Опозицијата и младинските организации ги отфрлија овие обвинувања, оценувајќи ги како класичен обид за дефокусирање на јавноста од реалната корупција и социјалниот револт во земјата.

