ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје започна со користење на новите специјализирани возила за собирање и транспорт на отпадот, како и за одржување на чистотата на јавните и сообраќајните површини. Возилата се обезбедени преку донација од Министерството за транспорт и Градот Скопје.
Новиот возен парк вклучува камиони со различен капацитет од 3 до 21 кубен метар, автоцистерни за машинско миење на улиците и специјализирани метларки за машинско чистење. Од претпријатието очекуваат со нивната употреба да се подобрат ефикасноста и работата на терен.


Фото: ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје
Паралелно продолжува и замената на контејнерите за отпад, при што досега се поставени околу 500 нови садови. Екипите на претпријатието вршат и рачно миење на локациите на кои се поставуваат контејнерите.
Во текот на изминатата недела биле отстранети 960 кубни метри непрописно фрлен кабаст и градежен отпад од јавни и сообраќајни површини низ скопските општини. Најголемо количество отпад било расчистено во Центар, каде што биле подигнати 210 кубни метри од диви депонии.
Во истиот период, „Комунална хигиена“ собрала и транспортирала 3.150 тони комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот.
Еко-патролата, пак, минатата недела составила 23 записници за лица и правни субјекти затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота. Од нив, 12 биле издадени на територијата на општина Чаир.

