Во склоп на Домот на културата „11 Октомври“ синоќа беа официјално отворени новите простории на Црвениот крст Гази Баба, соопшти градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Инвестицијата за уредување и обезбедување соодветни услови за работа е целосно финансирана од страна на Општина Гази Баба.
„Со целосна инвестиција на Општина Гази Баба, обезбедивме соодветни услови за работа на организацијата чии вработени и волонтери секојдневно покажуваат што значи да се биде човек — да се помогне, да се подаде рака и да се биде покрај оној кому му е најтешко. Хуманоста се препознава во делата. Во помошта што пристигнува навреме, во надежта што ја враќаме и во чувството дека никој не е оставен сам“, истакна Стефковски.
Градоначалникот додаде дека обезбедувањето подобри услови за хуманитарците е обврска на локалната самоуправа за зајакнување на грижата за најранливите категории граѓани.
„За луѓето кои постојано се на терен и им помагаат на другите, наша обврска е да обезбедиме услови во кои ќе можат уште поуспешно да ја исполнуваат својата благородна мисија. Црвениот крст е наш значаен партнер во грижата за граѓаните. Продолжуваме да ја зајакнуваме соработката преку заеднички активности, поддршка на хуманитарните акции и помош за најранливите сограѓани“, додаде тој.
Стефковски упати благодарност до сите волонтери, крводарители и донатори, со желба новите простории да бидат место од каде што ќе потекнуваат многу добри дела.

