Првите 30 електрични еколошки автобуси се очекува да бидат испорачани во јануари, што е порано од предвидениот рок во договорот, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „360 степени“.
Николоски ги отфрли сите сомневања и шпекулации поврзани со квалитетот на возилата, истакнувајќи дека целата европска индустрија во моментов зависи од батериите што се произведуваат во Кина.
„Со сигурност едно знам, затоа што ги знаеме техничките спецификации, а тоа е дека батериите ќе се произведуваат во Кина, од причина што во моментов на европскиот пазар, зборувам на европскиот пазар, не можете да најдете електричен автобус кој што користи батерии различни од кинеските. На пример, минатата година бев во државна посета на Чешка, бев и во Шкода, дадоа индикативна цена од 650.000 евра по автобус. Кога прашав зошто е толку висока, нашата е околу 320.000, рекоа затоа што мора да купуваат батерии од Кина и го кажаа тоа што и истражувањето на пазарот го покажа, а тоа е дека сите користат кинески делови“, истакна Николоски.
Тој направи споредба и со автомобилската индустрија во Македонија, нагласувајќи дека потеклото на одделни делови не го одредува крајниот квалитет на производството.
„Дали некој дел ќе биде произведен во Кина? Па вие имате цела индустрија во Македонија. Еве, на пример, подвозјето за Мерцедес Е-класа се произведува во Бунарџик. Ауди сега, голем дел ќе се произведува во Битола, во Кромберт и Шуберт. Делови за Порше се произведуваат во Охрид, во Костел, па тоа не значи дека Порше прави лошо возила затоа што делови се произведуваат во Костел“, заклучи Николоски

