Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ излезе со остри обвинувања за целосно отсуство на институционална реакција по пријавите за масовна узурпација на државно земјиште, бесправни градби и пустошење на шума во месноста Лагадин, во рамките на Зоната за одржливо користење на Националниот парк Галичица.
Според реакцијата, уште од пролетта 2023 година биле поднесени иницијативи до надлежните инспекциски служби за да се утврди што се гради на локацијата, но институциите тогаш воопшто не одговориле ниту ги доставиле записниците на увид. Во 2024 година, по нови пријави од локалното население, претставници на Националниот парк Галичица и на Државниот инспекторат за шумарство и ловство извршиле вонреден увид и утврдиле сериозни прекршувања.
На катастарски парцели во сопственост на Република Македонија биле констатирани:
- Узурпација на државно земјиште на површина од 17.000 квадратни метри од страна на сопственик на сместувачки капацитет.
- Бесправни градежни активности, вклучувајќи изградба на потпорен ѕид, армиранобетонска плоча во тек на градба, ископ на карпа и пробивање на пристапен пат.
- Загрозување на стабилноста на столбовите за пренос на електрична енергија со висок напон.
- Пустошење на шума и трајна пренамена на шумско земјиште со изградба на повеќе објекти и пат, како и надградба на два ката на диво изградена куќа на соседна парцела.
И покрај тоа што ЈУНП Галичица поднесе соодветни пријави до Основното јавно обвинителство, МВР Охрид (Одделение за економски криминалитет), Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот правобранител, од „Охрид СОС“ посочуваат дека фотографиите од 2026 година покажуваат дека ситуацијата на терен е уште полоша и дека никој не постапил во изминатите три години.
„Оваа лузна на планината е толкава што се гледа и од езеро. Доколку институциите реагираа на иницијалните претставки уште пред три години, ќе немаше ваков епилог. Наместо тоа, се чини како да избираат да се соучесници во овие незаконски активности“, велат од иницијативата.
Од таму предупредуваат дека со ваквото неизвршување на надлежностите се поттикнува криминалот, се наградува кршењето на законите и се доведуваат во прашање препораките на УНЕСКО и заштитата на природното и културно наследство во Охридскиот Регион.

