Граѓанка преку објава на LinkedIn алармира за опасен инцидент со три кучиња на улицата „Борис Трајковски“ во Скопје, во близина на Цементара, додека пешачела со својата седумгодишна ќерка.
Според нејзиното сведоштво, инцидентот се случил на тротоарот спроти бензинската пумпа „Лукоил“, кога кон нив се упатиле три кучиња.
„За влакно избегнавме сериозни повреди. За да се спасиме, бевме принудени да истрчаме на улица по која се движеа автомобили, дополнително загрозувајќи ги нашите животи“, наведува таа.
Мајката вели дека овојпат имале среќа, но прашува што би се случило доколку во слична ситуација се најде друго дете.
„Денес имавме среќа. Но, што ако утре некое дете ја нема? Ова не е единствен случај и не смее да се чека трагедија за некој да реагира“, пишува во објавата.
Случајот, според неа, веднаш бил пријавен во полиција, од каде била упатена дека за заловување на кучињата е надлежно ЈП „Лајка“.
„До кога одговорноста ќе се префрла од една институција на друга? Не бараме изговори, туку конкретна реакција и одговорност“, додава таа.
Инцидентот повторно го отвора прашањето за бездомните кучиња во Скопје и за тоа колку системот може да одговори на проблемот.

