Проблемите со водоснабдувањето, паркирањето и јавниот превоз беа меѓу главните теми на средбата на градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, со жителите на населбата Црниче.
На разговорот, во кој учествувале и раководители на општинските сектори, биле разгледани досегашните активности, но и проблемите за кои жителите очекуваат конкретни решенија. Меѓу реализираните зафати биле посочени реконструкцијата на скалите што ги поврзуваат улиците „Црниче“ и „Партение Зографски“, како и одржувањето на јавната хигиена.
Жителите побарале од Општината да посредува пред ЈП „Водовод и канализација“ за проверка и решавање на проблемот со квалитетот на водата на потегот од улицата „Серска“ кон „Востаничка“. Побарана е и изградба на нова водоводна линија од улицата „Христо Узунов“ кон „Востаничка“.
Во делот на сообраќајот, жителите бараат засилени контроли за непрописното паркирање на улицата „Рилски Конгрес“, поставување легнати полицајци на „Востаничка“ и воведување зонско паркирање во населбата. Меѓу предлозите е и нова автобуска линија со број 6, за која Општината би требало да разговара со ЈСП.
На листата со барања се и изградба на тротоар на улицата „Серска“, асфалтирање на „Банско“ и нејзино поврзување со улицата „Полог“. Жителите побарале и ново улично осветлување кај скалите во близина на старата печатница, како и почесто миење на поголемите улици во Црниче.
Посебен дел од средбата бил посветен на условите за децата и младите. Побарана е реконструкција на спортските и детските реквизити во подрачното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“, како и изградба на нова спортска сала.
Од Општина Кисела Вода информираат дека сите предлози се евидентирани од надлежните служби, а теренските средби со жителите ќе продолжат и во другите месни и урбани заедници.

