Премиерот Христијан Мицкоски во гостувањето во „Клик плус“ на ТВ21 ги претстави инфраструктурните и енергетските проекти што ги спроведува Владата, посочувајќи дека во општините во моментов се реализираат 1.233 проекти.
Меѓу поголемите зафати што ги наброја се изградбата на шест автопатишта, два гасовода и два студентски дома, како и инвестиции во железничката инфраструктура, училиштата и патната мрежа. Мицкоски рече дека дел од проектите што претходно биле оставени без напредок сега се активирани и продолжува нивната реализација.
Како примери ги посочи експресните патишта Страцин – Крива Паланка и Градско – Фариш – Дреново, железничката линија Куманово – Бељаковце и продолжувањето на пругата кон границата со Бугарија. Меѓу проектите ги спомена и планираните брзи патишта од Кочани преку Виница до Делчево и од Радовиш до Струмица, како и далекуводот Битола – Елбасан.
Во делот на образованието, премиерот најави дека два студентски дома се подготвуваат за пуштање во употреба, додека осум училишни домови треба да влезат во фаза на реализација. Тој упати и покана за посета на училиштето „Крсте Мисирков“ во Ченто.
Мицкоски откри и кои проекти сака да ги започне до крајот на мандатот, издвојувајќи ги хидроенергетските проекти „Чебрен“ и „Галиште“.
„Имам за цел да ставиме камен-темелник на Чебрен и Галиште. Имам таква цел затоа што тоа е иднината на државата“, изјави премиерот.
Осврнувајќи се на состојбата на пазарот на трудот, Мицкоски рече дека од изборот на Владата се отворени околу 17.000 нови работни места. Според податоците што ги презентираше, бројот на вработени се зголемил од 691.000 на 708.000, а стапката на невработеност е намалена за повеќе од еден процентен поен на годишно ниво.
Премиерот порача дека Владата ќе продолжи со реализација на инфраструктурните и енергетските проекти, со цел, како што рече, да ги исполни очекувањата на граѓаните.

