ФБИ со честитки до МВР за успешната акција против меѓународниот сајбер-криминал! Ова го напишаа денеска од Министерството за внатрешни работи, по пофалбата, на Фејсбук.
-Успехот на македонската полиција доби признание и од ФБИ, кој јавно ја поздрави заедничката акција и апсењето на администраторот на нелегалниот онлајн пазар „OLVX“. Првата заедничка координирана сајбер-операција меѓу МВР и ФБИ испраќа силна порака – криминалот нема граници, но нема ниту борбата против него! Продолжуваме со силна меѓународна соработка, конкретни резултати и бескомпромисна борба против сајбер-криминалот, велат од МВР.
Претходно и министерот Панче Тошковски се огласи по повод пофалбите од ФБИ.
-„Кога резултатите од работата на македонската полиција добиваат јавно признание од ФБИ, тоа е потврда дека посветеноста, професионалноста и меѓународната соработка даваат конкретни резултати. Успешното апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX, реализирано во соработка со ФБИ, покажува дека македонската полиција има оперативен капацитет да биде рамноправен и доверлив партнер во борбата против транснационалниот сајбер-криминал. Особено сум горд на нашите полициски службеници, чија стручност и посветеност стојат зад овој успех”, напиша Тошковски.
Претходно, ФБИ упати официјална јавна благодарност до своите партнери од Одделот за сајбер криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Северна Македонија, по повод успешното апсење на администраторот на илегалниот сајбер-маркетплејс „OLVX“.
Од американската служба истакнуваат дека оваа акција има историско значење бидејќи ја означува првата заедничка сајбер-операција координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија.
Според информациите од истрагата, платформата „OLVX“, која била активна во периодот меѓу 2023 и 2025 година, незаконски ги препродавала личните податоци (PII) и акредитивите за најава на жртвите преку над 1.500 продажни сметки. Од ФБИ посочуваат дека постоењето на овој маркетплејс директно ја загрозило дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани кои се потпираат на интегритетот на сопствените кориснички сметки.

