Студенти по медицина и биомедицински науки, професори, лекари и истражувачи од земјава и странство од денеска до 18 октомври ќе учествуваат на четвртиот Меѓународен конгрес на Факултетското студентско собрание (4th ICOF), кој ќе се одржи во Скопје.
Конгресот го организира Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а годинава се одржува под мотото „…AND BEYOND“. Целта е да се поттикнат научната размена, практичното учење, меѓународната соработка и унапредувањето на медицинското образование.
На отворањето на конгресот ќе се обрати министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Програмата опфаќа предавања на домашни и странски професори, интерактивни панели, научни презентации и практични медицински работилници, преку кои учесниците ќе имаат можност да разменат знаења и искуства и да се запознаат со новите достигнувања во медицината и биомедицинските науки.

