Денот што требало да биде еден од најсреќните за 54-годишен возач од италијанската покраина Порденоне завршил како бирократски кошмар. Само неколку минути откако возел сосема ново Порше Макан од салон за автомобили, сообраќајната полиција му го конфискувала и возилото и возачката дозвола бидејќи неговиот здравствен проблем го протолкувале како одбивање на алкотест.
Инцидентот се случил кон крајот на април во градот Манијаго. Карабињерите го запреле луксузниот теренец за време на рутинска проверка, а зад воланот седел возбудениот сопственик кој тукушто го презел автомобилот. Меѓутоа, кога полицијата побарала стандарден алкотест, ситуацијата добила неочекуван тек.
Возачот, кој со години се соочува со тешка астма, во тој момент добил силен напад на кашлање предизвикан од стрес. При секој обид да дувне во уредот, белите дробови му откажувале, а апаратот пријавувал грешка поради недоволен проток на воздух.
И покрај неговите упорни објаснувања за сериозните респираторни проблеми, полицајците биле немилосрдни. Според италијанскиот Закон за безбедност на патиштата, односно член 186 став 7, неможноста за тест поради недостаток на соработка законски се изедначува со директно одбивање. Поради ова, документите му биле одземени на лице место, а новокупеното Порше било однесено во полициската станица, објави локалниот весник „Ил Газетино“.
Шокираниот сопственик веднаш ангажирал адвокат за да докаже дека не станува збор за каприц или прикривање алкохолизам. Клучниот пресврт се случил пред судот во Порденоне, каде одбраната приложила обемна медицинска документација која ја потврдила неговата хронична астма и нападите на кашлање во стресни ситуации.
По разгледувањето на наодите, судијата ги оценил постапките на полицијата како неосновани, го поништил прекршочниот записник и наредил и возачката дозвола и автомобилот да му бидат вратени без одлагање.

