Во Скопје денеска ќе се одржи конференцијата „Бизнис Арена 2026“, на која во фокусот ќе бидат развојот на македонските брендови, растот на компаниите и нивното позиционирање на странските пазари.
На настанот ќе учествуваат министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Горан Поповски од компанијата Dometic, Хенрик Исаксон од Конфедерацијата на шведски претпријатија, Ема Гарет од Институтот за арбитража на Стокхолмската стопанска комора и норвешката амбасадорка Кристин Мелсом, како и претставници на македонски компании.
Преку предавања и панел-дискусии, учесниците ќе разменуваат искуства за тоа како домашните брендови можат да станат поконкурентни на меѓународно ниво, колку лидерството и вредностите на компаниите влијаат врз нивниот успех и како институциите и приватниот сектор можат заеднички да го поддржат нивниот развој.
Конференцијата ја организира Унијата на млади претприемачи на Македонија „Phoenix Rising“, во соработка со Шведско-македонската стопанска комора.

