СДСМ ја обвини власта за нетранспарентност во случајот со Ива Михаилова и побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од партијата отвораат прашања за нејзиното преминување на границата, со оглед на тоа што, според нивните наводи, судот ѝ ги одзел двата пасоша. СДСМ посочува дека Михаилова тврди оти границата ја поминала легално со лична карта и дека граничните службеници биле запознаени со тоа, додека МВР соопштило дека нема евидентиран нејзин излез од државата.
Од СДСМ велат дека постојат сериозни прашања за тоа како се одвивало преминувањето на границата и бараат да се утврди дали имало пропусти и кој е одговорен за нив.
Партијата упати критики и до премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тошковски, обвинувајќи ја власта за слабости во контролата на границите. Во својата реакција, СДСМ го поврза случајот и со други безбедносни скандали, меѓу кои и случајот со запленетите пет тони дрога.
Од опозициската партија бараат оставка од Тошковски и целосно расчистување на случајот, со утврдување на евентуалната одговорност на сите инволвирани.
СДСМ оценува дека јавноста треба да добие јасни одговори за околностите под кои Михаилова ја напуштила земјата и дали при тоа биле почитувани законските процедури.

