Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, имаше свое обраќање пред присутните на митинг во Милетино при што ја претстави својата визија и дел од проектите предвидени во програмата за развој на општината.
,,Оваа кампања ја започнувам со почит, со достоинство и со човечност. Во изминатиот период бевме сведоци дека проектите се работеа јавно, транспарентно и во интерес на граѓаните. Ветувам дека тоа е темпото кое јас ќе го продолжам“, рече Радичевски и додаде:
,,Брвеница е наша и заедничка. Нејзината иднина не смее да зависи од тоа кој за кого гласал. Градоначалникот мора да биде градоначалник на сите жители, на оној што гласал за него, но и на оној што не гласал, на оној што има партиска книшка, но и на оној што нема. Затоа што по изборите остануваме соседи, остануваме пријатели, остануваме една заедница. А само со соработката со локалната, централната власт можеме да направиме вистински резултати за граѓаните“.
Тој наброи и дел од проектите од програмата за општина Брвеница, за што кажа дека има конкретни проекти и конкретни рокови за проектите, дел кои се веќе во реализација.
,,Планираме доизградба и реконструкција на општинската зграда. Изградба на систем на водоснабдување во Челопек и развој на инфраструктурата во индустриската зона Брвеница. За да привлечеме нови инвестиции, да отвориме нови работни места и да создадеме подобри услови за нашите млади, да ја гледаат својата иднина овде, во Брвеница. За младите и економијата, отвораме локален иновациски фонд ,,Млади со идеи“, бизнис инкубатор ,,Мој бизнис, моја општина“, Центар за знаење и практични вештини и програми за поддршка на женското претприемништво и руралниот развој. Затоа што младите не само што се иднина на Брвеница, младите се нејзината сегашност и нивните идеи мора да добијат шанса. Не ги забораваме ниту најмладите, ниту најстарите, градиме нова детска градинка во Челопек, проект кој е во фаза на реализација, ја доградуваме градинката во Брвеница, отвораме дом за стари лица со капацитет до 50 корисници и инвестираме во енергетската ефикасност и пристапност до училиштата за деца со посебни потреби“, истакна Радичевски.

