Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска престојува во Виена, каде што учествува во програмата „Жени лидери – Југоисточна Европа и Црното Море/Јужен Кавказ 2026“, организирана од Дипломатската академија на Виена.
Во рамки на посетата, Божиновска ќе ги претстави приоритетите на земјава во енергетскиот сектор пред европски институции, дипломати и претставници на јавниот сектор, со фокус на можностите за нови партнерства и размена на искуства.
Предвидена е и средба со Северин Грубер, генерален секретар во австриското Сојузно министерство за економија, енергетика и туризам. На средбата ќе се разговара за економската и енергетската соработка меѓу двете земји, енергетската транзиција и сигурноста на снабдувањето.
Божиновска ќе одржи и предавање пред студентите на Дипломатската академија на Виена, на кое ќе ги презентира состојбите и реформите во македонскиот енергетски сектор.
Меѓу темите ќе бидат развојот на обновливите извори, модернизацијата на енергетската инфраструктура, намалувањето на зависноста од јаглен, енергетската сигурност и регионалното поврзување.
Посебен акцент ќе биде ставен и на регионалните енергетски коридори, вклучително и Вертикалниот гасен коридор, како дел од напорите за диверзификација и поголема сигурност на снабдувањето.
Од Министерството велат дека посетата има цел да придонесе кон продлабочување на соработката со европските партнери и отворање нови можности за инвестиции и развој во енергетскиот сектор.

