Општина Центар го санираше и целосно го реновираше платото над спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“. Површината подолг период протекувала, поради што при врнежи водата навлегувала во спортската сала и во училишните ходници.
Од Општината информираат дека во рамки на санацијата биле отстранети сите постојни слоеви до конструкцијата, по што биле поставени нова хидро и термоизолација, нова кошулка и нови плочки. Изработени се и решетки за површинско одводнување на атмосферските води.
За учениците се поставени и нови клупи за одмор, со што платото повторно е ставено во функција.
Дополнително, во училиштето се обновува и оградата.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека станувало збор за долгогодишен проблем кој барал целосна санација, а не привремено решение.
Од Општината посочуваат дека продолжуваат со вложувања во училишната инфраструктура, со цел подобрување на условите за учење, спорт и престој на учениците.

