По средбите со претставници на Американската финансиска развојна корпорација (DFC) во САД, Владата очекува во наредниот период да се доразработи концептот за нов проект, да се утврди носителот на инвестицијата и да се дефинира финансиската конструкција за негова реализација, изјави премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа.
Тој посочи дека за време на престојот во Соединетите Американски Држави имал средба со високи претсвници на DFC задолжени за инвестиции, која ја оцени како охрабрувачка.
– Ценам дека имавме прилично успешен разговор и од тој разговор можам да бидам оптимист. Секогаш после тие разговори тоа што следи е многу значајно и важно. Мислам дека во периодот што следи ќе го доразработиме проектот, замислата, идејата каква ни е. Кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект, рече Мицкоски.
Тој појасни дека доколку носител на проектот биде АД ЕСМ, како компанија во државна сопственост, ќе мора да ги почитува процедурите согласно Законот за јавни набавки и да објави повик за изнаоѓање финансиска структура што би го финансирала проектот.

