Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен акт против вкупно шест лица за сторено кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ по член 264 од Кривичниот законик.
Според обвинението, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач, и покрај обврската да изготви идеен проект со строго утврден начин за уривање поради близината со заштитената стара струшка куќа на Владо Малески, изработил само основен проект. При ископувањето со багер за новата градба, тој го поткопал заедничкиот преграден ѕид, што предизвикало дестабилизација и уривање на културното наследство на 15.10.2025 година на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Меѓу обвинетите се и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам во Општина Струга кои одобриле градба без потребниот идеен проект за уривање, како и тогашниот градоначалник кој овозможил изградба на подрум спротивно на решенијата на Управата за заштита на културното наследство.
Како помагач е опфатена и архитектка-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид, која дала позитивно мислење и ја заверила документацијата со предвидени подрумски простории спротивно на прописите.

