Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се сретна со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
На средбата претседателката се заблагодари за лично доставената покана за учество на Конференцијата на Обединетите нации за водите, која од 8 до 10 декември ќе се одржи во Абу Даби. Таа ја истакна важноста на одржливото управување со водните ресурси и обезбедувањето пристап до чиста и безбедна вода.
Како што информираат од Кабинетот на претседателката, амбасадорот ја запознал Сиљановска-Давкова со актуелната состојба во ОАЕ, напорите за мир и стабилизација во регионот, како и со преземените иницијативи, активностите, плановите и очекувањата на земјата.
Претседателката изразила длабоко сочувство по повод смртта на шеик Ахмед бин Рашид Ал Мактум, истакнат член на владејачкото семејство на Дубаи. Во контекст на случувањата на Блискиот Исток, таа ја поздравила конструктивната и одговорна улога на ОАЕ во напорите за обезбедување одржлив мир и стабилност.
Соговорниците ги оцениле билатералните односи како одлични и засновани на заемно почитување и разбирање, но истовремено посочиле дека постои простор за унапредување на соработката во туризмот, енергетиката, образованието, културата, земјоделството и инфраструктурата.
Во тој контекст, Сиљановска-Давкова ги истакнала можностите за инвестиции во коридорите 8 и 10, како и во слободните економски зони.
Таа го поздравила воспоставувањето на безвизниот режим меѓу двете земји и изразила поддршка за повторно воспоставување на директната авиолинија Скопје–Дубаи. Како позитивен чекор кон продлабочување на односите го оценила и потенцијалното отворање резидентна амбасада на ОАЕ во Скопје.
На средбата било истакнато и заемното поддржување во меѓународните организации, во духот на мултилатерализмот.
Сиљановска-Давкова упатила покана до претседателот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, за посета на Северна Македонија.

