Едукативна трибина во рамки на кампањата „Розев Октомври“ ќе се одржи денеска во Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението „Хема-Онко“.
Трибината ќе биде посветена на превенцијата, раното откривање и лекувањето на ракот на грлото на матката, со цел преку стручни совети и лични искуства да се подигне свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи.
На настанот ќе говорат проф. д-р Ирена Алексиевска Папештиев, специјалист гинеколог-акушер и директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, и проф. д-р Виолета Клисаровска, онколог при ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Свое лично искуство ќе сподели и Анита Бошкова, правник и поетеса, која ќе зборува за своето искуство како пациентка и за важноста од навременото откривање на болеста.
Од Општина Кисела Вода ги повикуваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на трибината и преку информирање, отворен разговор и споделување искуства да придонесат кон подигнување на свеста за здравјето на жените.

