Јавна дискусија на тема „Западен Балкан во поредок што се менува: проширување, идентитет и демократски иднини“ ќе се одржи денеска во организација на Претседателскиот центар „Стево Пендаровски“.
Дискусијата ќе ја отвори поранешниот претседател Стево Пендаровски. Воведни излагања ќе имаат културологот и писател Борис Буден, Јоанис Армаколас, вонреден професор на Универзитетот „Македонија“ и истражувач во Хеленската фондација за европска и надворешна политика (ЕЛИАМЕП), како и Александар Спасов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На дискусијата ќе се говори за поврзаноста меѓу актуелните геополитички околности и прашањата поврзани со идентитетот, како и за условите потребни за надминување на ризиците од стабилократија и авторитарни тенденции и за унапредување на демократската консолидација во регионот, во рамки на европската перспектива.
По воведните излагања ќе следува сесија со прашања и одговори, по што говорниците ќе дадат завршни осврти.
Настанот се организира во соработка со Фондациите „Отворено општество – Западен Балкан“, Фондацијата „Фридрих Еберт“ и Фондацијата „Зоран Ѓинѓиќ“.

