Годинава се реализирани околу 90 проценти од средствата предвидени за финансиска поддршка во земјоделството, при што досега се исплатени околу 6,5 милијарди денари субвенции, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
Тој истакна дека од преземањето на функцијата на 13 јули годинава се реализирани седум одделни исплати во вкупен износ од над 1,2 милијарди денари.
Земјоделците од државата очекуваат навремена исплата, а не нови оправдувања. Затоа, откако ја презедов функцијата на 13 јули оваа година, реализиравме седум одделни исплати во вкупен износ од 1 милијарда 227 милиони денари – рече Серафимовски.
Министерот презентираше детали за исплатените средства по сектори:
- Козари: 85,7 милиони денари за 1.159 одгледувачи.
- Говедари: Околу 372 милиони денари за 4.284 одгледувачи.
- Тутунари: Околу 13 милиони денари за производители под посебна контрола.
- Полјоделци: Приближно 462 милиони денари за 23.874 лица.
- Градинари: Околу 217 милиони денари за 10.754 производители.
- Органско производство: Две исплати во вредност од околу 77 милиони денари.
Според него, од вкупно 7,295 милијарди денари предвидени со Програмата за финансиска поддршка за 2026 година, досега се исплатени околу 6,512 милијарди денари, што претставува готовинска реализација од околу 90 отсто.
Тоа претставува фактичка готовинска реализација од околу 90 проценти. Зад овој процент стојат конкретни приходи на земјоделците, затворање на старите обврски и обезбедување средства за преостанатите мерки – истакна Серафимовски.
Тој додаде дека Владата паралелно ги затвора и старите долгови од 2020 година затекнати во системот. Воедно, најави засилени контроли, теренски проверки и користење сателитски снимки со цел спречување на злоупотреби и заштита на вистинските земјоделци.
Нема да дозволиме парите на вистинските земјоделци да завршуваат кај ловците на субвенции. Секој денар од буџетот ќе следи за реално производство, а секоја утврдена злоупотреба ќе повлекува одговорност – нагласи министерот.

