СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против З.М. (34) и А.Т.Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.
Според информациите од МВР, двајцата претходно се договориле да одгледуваат канабис на скриена парцела во местото „Матник“, во атарот на селото Секирник.
По судска наредба, полициски службеници од СВР Струмица, со поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток, презеле повеќе мерки и истражни дејствија, при што биле обезбедени докази за нивната поврзаност со одгледувањето на канабисот.
Двајцата биле приведени и задржани во Полициската станица Струмица. Во службен разговор, според МВР, тие признале дека обезбедиле семе од канабис, ја обработиле парцелата и во мај годинава засадиле и одгледувале растенија со намера да произведуваат марихуана.
Од нив биле одземени повеќе стебла канабис со различна висина, со вкупна тежина од околу 680 килограми.
По поднесувањето на кривичната пријава, З.М. и А.Т.Г. биле изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Струмица.

