Европа пред крајот на септември влегува во нов период на невообичаено топло време, кое според најавите од глобалната метеоролошка организација Severe Weather Europe ќе трае сè до почетокот на октомври.
Метеоролозите посочуваат дека гребен кој се формира северно од Медитеранот и Северна Африка ќе насочи поле од топол воздух кон север. Ова ќе предизвика локално покачување на температурите за 8 до 12 степени Целзиусови над долгорочниот просек, ширејќи се низ големи делови од западна, централна и северна Европа.
Исклучително топлото време ќе биде проследено со стабилна и сува воздушна маса, што дополнително ќе го продолжи периодот на високи температури во ниските земјоделски басени и урбаните долини. Среднорочните прогнози покажуваат дека овој долготраен топлотен бран ќе ја зафати територијата од Франција па сè до Шведска, пренесува Танјуг.

