Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и до сите нејзини припадници по повод еврејскиот празник Јом Кипур.
Во пораката таа упати желби за духовен мир, здравје и благосостојба, посочувајќи дека Јом Кипур е празник посветен на молитвата, постот, преиспитувањето, покајанието и простувањето.
„Нашата човечка големина не е во совршеноста и безгрешноста, туку во храброста да признаеме грешка, да се преиспитаме, да побараме прошка и да најдеме сила да простиме“, порача Сиљановска-Давкова.
Таа нагласи дека вредностите на празникот имаат пошироко човечко значење, особено во време на поделби и нетрпеливост, и повика на градење општество во кое секој слободно и достоинствено ќе ја живее својата вера, традиција и културен идентитет.
„Различностите треба да бидат мостови на разбирање, а не линии на поделба“, се наведува во пораката на претседателката.

