Цените на нафтата во денешното азиско тргување паднаа на најниско ниво во последните повеќе од една недела. Падот е поттикнат од надежите дека дипломатските напори на Генералното собрание на ОН можат да доведат до деескалација на војната со Иран, како и од делумното обновување на испораките од Саудиска Арабија и покрај продолжените напади на јеменските Хути.
Фјучерсите на северноморската нафта „брент“ поевтинија за 2,16 долари, односно за 2,08 проценти, достигачки 101,71 долар за барел до 2:13 часот по Гринич, откако претходно во петокот забележаа пад од 0,91 процент. Претходно во текот на денот цената падна на најниско ниво уште од 10 септември.
Во исто време, американската нафта WTI се спушти под клучното психолошко ниво од 100 долари за барел, паѓајќи за 2,15 долари или 2,14 проценти, на 98,15 долари за барел.
Според сателитски податоци што ги цитираат аналитичарите од Ројтерс, количеството саудиска нафта што минувало низ Ормуската Теснина во изминатите шест дена изнесувало во просек 2,9 милиони барели дневно, што претставува значително зголемување во однос на просекот од 700.000 барели дневно во август.
Главниот пазарен аналитичар на „Кеј си ем трејд“ (KCM Trade), Тим Вотерер, коментира:
„Изгледа дека дел од ризичната премија се повлекува од цените на нафтата поради надежите дека уште оваа недела би можел да се појави дипломатски пат за деескалација на војната меѓу САД и Иран“. Тој сепак предупреди дека сè уште останува нејасно дали овие надежи навистина ќе се остварат.

