Општина Центар го објави конкурсот за годишната награда „Феникс“ за 2026 година, која се доделува на поединци, групи творци и правни лица за значајни постигнувања и придонес во развојот и афирмацијата на општината.
Признанието се доделува за остварувања во повеќе области, меѓу кои стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, како и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.
„Во Центар има многу луѓе кои со својата работа, знаење, талент и посветеност оставаат трага и придонесуваат нашата општина да се развива и афирмира. Наградата „Феникс“ е начин да им оддадеме признание на оние кои создаваат вредности и со своите постигнувања се пример и инспирација за другите“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Право да предлагаат кандидати имаат физички и правни лица со живеалиште, односно седиште на територијата на Општина Центар. Предлогот треба да биде образложен и потпишан од предлагачот, со кратка биографија и документација за постигнувањата на кандидатот.
Конкурсот е отворен од 21 септември до 5 октомври 2026 година. Предлозите се доставуваат до Комисијата за доделување на Годишната награда на Општина Центар – „Феникс“, на улица „Михаил Цоков“ бр. 1 или во архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6.

