Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека за околу десет дена ќе започне испораката на 3.300 нови контејнери, со што, како што вели, ќе се подобри системот за собирање и управување со отпадот во главниот град.
Ѓорѓиевски во гостувањето во „Ноќно Студио“ на 4ТВ посочи дека набавката е реализирана по значително пониска цена од досегашните.
„Добив исклучително ниска цена за набавката на 3.300 контејнери, двојно поевтино од било кога во минатото“, изјави градоначалникот.
Според него, новите контејнери, заедно со специјализираните комунални возила, треба да придонесат за подобрување на состојбата со отпадот и одржувањето на јавната хигиена во Скопје.
Во периодот што следува, најавено е и ставање во употреба на нови метлачки и цистерни. Од Градот очекуваат нивната употреба да придонесе за почисти улици, булевари и други јавни површини.
Ѓорѓиевски најави и предлог до Советот на Град Скопје со кој би се овозможило еднаш месечно граѓаните бесплатно да го депонираат отпадот на депонијата „Дрисла“.
„Со конкретни мерки и инвестиции продолжуваме да работиме на подобрување на комуналната хигиена и создавање почист и поуреден град за сите скопјани“, порача Ѓорѓиевски.

