На истекот од една година од мојот градоначалнички мандат можам само да кажам дека е тоа всушност петта година во континуитет од нашата заедничка работа – моја и на жителите на Општина Градско во евидентирање на проблемите на општината и изнаоѓање начини за нивно надминување. Довербата на вториот мандат е само потврда дека тоа го правиме успешно.
Во изминатиот период реализиравме конкретни и значајни проекти кои донесоа видливи промени и подобри услови за живот за нашите граѓани, директно насочени кон децата, младите и семејствата, изјави градоначалникот на Градско, Киро Нацков.
Продолживме и со поддршката за семејствата, преку обезбедување еднократна финансиска помош за секое новородено прво и второ дете, како конкретна поддршка во најважните моменти за секое семејство.
Продолжуваме со бесплатната градинка, затоа што секое дете заслужува еднакви можности уште од најрана возраст. Продолжуваме и со бесплатниот оброк за учениците од прво до петто одделение и за нашите најуспешни ученици продолжуваме со стипендирањето на најдобрите, како признание за нивниот труд, знаење и постигнати резултати и како поттик да продолжат да се развиваат и да бидат пример за својата генерација.
А за нашите најмали ученици, првачињата, и оваа година обезбедуваме бесплатни ранци и училишен прибор, за секое дете да го започне своето образование подеднакво подготвено и со насмевка.
Во тек е доградбата на училишниот објект на ООУ„Даме Груев“ за обезбедување на едносменска настава и поквалитетно училишно секојдневие.
Кога станува збор за инфраструктурата, ставивме акцент на подобрување на условите за живеење преку унапредување на уличната мрежа, комуналната инфраструктура и јавниот простор во општината. Се реконструираше улицата 8 Септември (дел 1 и дел3), се асфалтираше и последниот дел од локалниот пат до Манастирот Св.Архангел Михаил од Долно Чичево и се асфалтираше крак 16 во селото Виничани. Се реализираше и проектот „Подобрување на водоснабдување со питка вода“ за населеното место Градско.
Во делот на водоснабдувањето, започнавме и со бушење на нови бунари за питка вода во Виничани и Ногаевци, со цел да обезбедиме дополнителни и посигурни извори на вода и да придонесеме кон долгорочно и стабилно водоснабдување на жителите.
Се обнови и возниот парк на ЈКП „Клепа“ со ново специјално возило – цистерна, со што се подобруваат условите за работа и се овозможува поефикасно и поквалитетно извршување на комуналните услуги за граѓаните.
Посветивме внимание и на уредувањето на просторите наменети за најмладите и за одмор и за рекреација. Уреден е дворот на детската градинка со безбедни и современи реквизити, а во центарот на Градско се уредува нов парк со детски реквизити, тартан подлога и зип-лајн. Дополнително, на амфитеатарот се поставија нови дрвени седишта, со што создаваме поубави, побезбедни и пофункционални јавни простори за сите граѓани.
Се унапреди и спортската инфраструктура со поставување на нови голови на стадионот и монтирање на нови седишта на кошаркарското игралиште, со што создадовме подобри услови за спортување и за организација на спортски настани. Тоа се потврди и преку успешната реализација на турнирите во фудбал „Стоби КУП Градско“ и турнирот 3х3 во кошарка, кои привлекоа голем број учесници и публика и покажаа дека вложувањето во спортот дава конкретни резултати.
Посебно внимание посветивме и на нашите сограѓани од третата доба, за кои обезбедивме бесплатни физиотерапевтски услуги, домашни посети за неподвижните лица, како и бесплатна психолошка поддршка, со цел да им овозможиме подобра грижа, поддршка и поквалитетно секојдневие.
Достојно го одбележавме нашиот патрон Св. Апостол Павле, со богата културно-уметничка програма и традиционалната Фолклоријада, која и оваа година ги собра љубителите на фолклорот и ја промовираше нашата традиција, култура и богатото народно творештво.
Во периодот што следува продолжуваме со нови инфраструктурни зафати. За кратко време ќе се реализира крак 7 од улицата „8-ми Септември“, ќе се реконструира улицата „Борис Трајковски“ во Градско, како и една улица во Водоврати.
Паралелно со тоа, ќе започнеме и со уредување на фасадите во централниот дел на Градско, со цел да добиеме поуреден, современ и репрезентативен изглед на центарот.
Во оваа прилика изразувам јавна благодарност до секој поединец кој со своите предлози, идеи и ангажирања придонесе развојот на општината да се движи по нагорна линија, на сите општествено одговорни фирми кои делуваат на територијата на нашата општина и најголема благодарност до Владата на РМ која има слух за нашите потреби и ни дава целосна поддршка во напорите Општина Градско да биде пристојно и посакувано место за живеење, изјави Нацков.

