Во изминатото деноноќие на територијата на државата биле регистрирани вкупно 42 пожари на отворен простор. Од нив, пет се сè уште активни, пет се ставени под контрола, додека 32 се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според податоците на ЦУК заклучно со 7:30 часот утрово, активни се следните пожари:
- Кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, каде што огнот ги зафаќа и пограничните делови кон Косово
- Во месноста Рамно кај селото Брест во Општина Чучер-Сандево
- На потегот меѓу селата Буринец, Локов и Селце во Општина Струга
- Кај селото Белица во Општина Македонски Брод
- Кај селото Милетино во Општина Брвеница
Под контрола се локализирани пожарите кај селата Кнежино, Добреноец и Тајмиште во Кичево, кај селото Копаница во Општина Сарај, на градската депонија во Делчево, како и пожарот меѓу селата Руѓинце и Орах во Општина Старо Нагоричане.
Во текот на изминатиот ден пожарникарите целосно ликвидираа 32 пожари на подрачјето на 23 општини ширум земјата.

