Собранието денеска, во рамки на 121. пленарна седница, ја именуваше Арљинда Хасани Синани за вицегувернер на Народната банка, а ја изгласа и потребата за носење измени и дополнувања на повеќе закони по скратена постапка.
Предлогот Хасани Синани да биде избрана за вицегувернер го образложи гувернерот Трајко Славески, кој ја оцени како истакнат банкарски професионалец и се осврна на нејзиното досегашно професионално искуство.
Пратениците ја изгласаа и потребата за дополнување на Законот за финансиска поддршка на инвестициите. Со предложените измени, рокот за склучување договори за инвестиции треба да се продолжи до 4 септември, анексите на договорите да може да се склучуваат до 11 септември, а исплатата на државната помош да се продолжи до 23 октомври. Предлогот сега треба да помине низ матичните комисии пред повторно да се најде на пленарна седница.
Собранието ја усвои и потребата за измени на 45 закони по скратена постапка, со цел нивно усогласување со Законот за високи раководители. Измените опфаќаат закони од повеќе области, меѓу кои пензиското и инвалидското осигурување, јавните набавки, Царинската управа, УЈП, здравството, земјоделството, животната средина, управувањето со кризи и инспекцискиот надзор.
Пратениците ги ратификуваа и Конвенцијата за Бирото на Европската конференција за цивилно воздухопловство, протокол со Литванија за преземање лица кои престојуваат без дозвола, како и договори за соработка во областа на одбраната со Словенија и Португалија.
На почетокот на седницата претседателот на Собранието Африм Гаши информираше дека д-р Кирил Јовановски, надворешен член на Комисијата за хартии од вредност, поднел оставка.
На дневен ред остануваат и Предлог-законот за пријавување и проверка на странски директни инвестиции, Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030, како и други точки.

