Со порака за мирна, безбедна и толерантна училишна средина министерката за образование и наука Весна Јаневска ја честиташе почетокот на учебната 2026/2027 година.
Јаневска утрово присуствуваше во ОУ „Киро Глигоров“ во Центар, каде беше промовирана кампањата на „Македонски телеком“ за превенција од врсничко насилство и создавање побезбедни училишта.
Посебна порака министерката упати до првачињата, нивните родители и наставниците, посакувајќи им успешен почеток на школувањето. Таа ги охрабри најмладите да бидат љубопитни, да поставуваат прашања, да размислуваат самостојно и слободно да го изразуваат своето мислење.
„Им посакувам вредна работа, но и сè што прават да го прават заеднички и мирно. На сите ученици им посакувам училишна средина без караници и тепачки“, порача Јаневска.
За учениците од погорните одделенија таа упати апел да покажат поголема одговорност и зрелост и да бидат пример за помладите.
Министерката ги повика учениците да учат и да ја градат својата иднина преку знаењето, но и да покажуваат толеранција и емпатија кон другите.
„Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки, напротив – тие се знак на слабост. Изберете да бидете пријатели со другите деца“, истакна Јаневска.
До родителите таа упати порака да посветат внимание на воспитувањето на децата, нагласувајќи дека љубовта, вниманието и мирниот семеен дом се од големо значење за нивниот развој.
Наставниците, пак, ги повика покрај образованието да придонесат и кон создавање слободни, самостојни и критички настроени млади луѓе.
Во текот на целата учебна година „Македонски телеком“ ќе ја спроведува кампањата насочена кон борба против врсничкото насилство. Главниот извршен директор Горан Марковиќ истакна дека иницијативата има цел да придонесе за безбедна средина за децата и младите, како во училиштата, така и во дигиталниот простор.
Кампањата ќе се фокусира на три области – едукација, превенција и активно учество на младите.
„Вистинска храброст е да бидеш добар, да помогнеш некому и да застанеш покрај другарчето кога му е тешко“, порача Марковиќ, повикувајќи ги учениците, родителите, наставниците и институциите активно да придонесат кон спречување на насилството.
Под слоганот „Прекини го кругот на насилство – не биди публика“, компанијата најави активности со кои ќе се поттикнуваат младите да реагираат и да не остануваат неми сведоци на насилството.

