Преку два јавни повика, на единиците на локалната самоуправа им се ставени на располагање над 18,4 милијарди денари од унгарскиот кредит за реализација на инфраструктурни и капитални проекти, информираше денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Коцевски.
Според Коцевски, со вториот јавен повик Владата продолжува со поддршката за општините и иницира нов инвестициски циклус за подобрување на условите за живот на граѓаните.
„Со двата повика Владата им стави на располагање 18 милијарди и 449 милиони денари од унгарскиот кредит на единиците на локалната самоуправа за реализација на инфраструктурни и капитални проекти од директно значење за граѓаните“, истакна Коцевски.
Тој појасни дека државата ги обезбедува финансиските средства, додека самите општини ги предлагаат проектите соодветно на потребите на локалното население.
Како конкретни примери, Коцевски ги посочи изградбата на детска градинка во Инџиково и спортска сала во Црешево (Гази Баба), реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ (Центар), заштитата на коритото на Серава (Бутел), како и изградбата на водоводна и атмосферска мрежа во „Дижонска“ (Чаир) и реконструкцијата на Старата чаршија во Гевгелија.
Меѓу другите проекти се и катна гаража во Охрид, нов модерен базен во Кавадарци, изградба на средно училиште во Тетово, секундарна гасоводна мрежа во Куманово и фотонапонска централа во Конче.
„Токму таквите инвестиции имаат најдиректен ефект врз секојдневниот живот на граѓаните, затоа што тие секој ден ги користат улиците, училиштата, јавните установи и комуналната инфраструктура“, рече Коцевски.
Тој додаде дека целта на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е да обезбеди рамномерен развој во сите општини, особено во помалите средини кои имаат ограничени сопствени буџети за поголеми капитални инвестиции.

