Превозниците организирани од транспортната асоцијација „Макам-транс“ денеска од 12 до 14 часот ќе одржат предупредувачки протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со барање за итно решение за престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Протестот се одржува во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел, од каде што превозниците очекуваат напредок. Проблемот произлегува од правилото 90/180, со кое престојот за државјани од трети земји е ограничен на најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Пред Делегацијата на ЕУ ќе бидат паркирани дваесетина товарни возила, а на собирот ќе присуствуваат сопственици на транспортни компании и возачи. Истовремено, протести се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од „Макам-транс“ посочуваат дека и по седум месеци сè уште нема конкретно решение за нивниот статус.
„После седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот, а бидејќи септември е почеток на работите сакаме да испратиме јасна порака да се направи нешто. На 1 септември се очекува да има средба на претставници на сите земји од Шенген-зоната, на која бараме на дневен ред да биде и нашето прашање“, изјави за МИА генералната секретарка на „Макам-транс“, Биљана Муратовска.
Според асоцијацијата, околу 50 проценти од возачите во моментов одбиваат да возат поради страв од санкции и различно толкување на правилата на граничните премини.
Од Министерството за транспорт наведуваат дека Владата работи на надминување на состојбата преку билатерални договори со членките на Шенген-зоната. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека веќе се постигнати договори со Швајцарија, Хрватска и Романија, а следуваат разговори со Австрија, Словенија и Германија.
Доколку на утрешниот состанок во Брисел не се постигне преодно решение, транспортерите најавуваат можност за блокирање на граничните премини на 14 септември. Според податоците на „Макам-транс“, овој проблем засега околу 17.000 возачи од Македонија и близу 100.000 возачи од целиот регион.

