Актерката Лидија Вукиќевиќ се најде во центарот на нова полемика, особено во Босна и Херцеговина, откако на социјалните мрежи реагираше на смртта на генералот Ратко Младиќ, додека истовремено се наоѓа во Сараево, каде што учествува во снимањето на серијата „Bos il’ Hadžija“.
Нејзината реакција предизвика бројни осуди во Босна и Херцеговина, а сега се појави и иницијатива за бојкот на проектот доколку актерката остане дел од екипата.
Вукиќевиќ на својот профил на Инстаграм оставила емотикони со срце, молитва и скршено срце под снимка на која стоела пораката: „Генерале, ќе живееш вечно!“.
Особено внимание предизвикал фактот што актерката, во моментот кога темата повторно се најде во јавноста, се наоѓа токму во Сараево, каде што ја снима серијата „Bos il’ Hadžija“, во режија на Енвер Пушка. Вукиќевиќ и самата на социјалните мрежи споделувала фотографии и видеа од снимањето и го навела Вилсоновото шеталиште како локација.
Поради сето тоа, на социјалните мрежи се појавил повик за бојкот на серијата, со барање Вукиќевиќ да биде отстранета од проектот, да ѝ биде прекинат ангажманот и продукцијата јавно да се изјасни за нејзиното останување во екипата.
Во апелот, кој го објавил извесен Ервин и кој се шири на социјалните мрежи, јавно се бара, доколку продукцијата одлучи да ја задржи актерката, граѓаните да одговорат со бојкот на серијата.
Од авторот на иницијативата е побарано и да бидат објавени информации за евентуалните спонзори, финансиери, емитери и дистрибутери на проектот.

