Состојбата со водоснабдувањето во Штип постепено се нормализира. Поголемиот дел од населбите повторно имаат вода за пиење, додека жителите во повисоките делови на градот сè уште се соочуваат со проблеми поради намалениот притисок.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, за МИА изјави дека во текот на денот се очекува водоснабдувањето да биде нормализирано во целиот град, како и во приградските населби.
Прекинот во снабдувањето настана вчера, откако поради зголемена матност на водата што пристигнува преку цевководот од ХС „Злетовица“ беше исклучена филтер-станицата во Штип.
Директорот на ЈП „Исар“ – Штип, Александар Арсовски, на вчерашната вонредна прес-конференција објасни дека до зголемената матност дошло поради невремето во Пробиштипскиот Регион, по што било неопходно привремено исклучување на филтер-станицата.
Откако матноста се намалила, филтер-станицата повторно била ставена во функција, а водата продолжила да се преработува и дистрибуира во штипскиот водоводен систем.

