Грчката полиција пронајде мртво и замрзнато бебе во куфер одземен од стан во атинската населба Кипсели, по интервенција за неплатена кирија и нарушен ред.
Случајот започнал кога сопственик на стан што го изнајмувал преку платформата „Airbnb“ побарал помош од полициска патрола. Тој пријавил дека станарите одбиваат да го напуштат објектот, не плаќаат кирија и употребуваат наркотични средства.
При влегувањето во станот, полициските службеници затекнале 43-годишен Грк, неговата 28-годишна сопруга од Германија, нивната 15-годишна ќерка, уште две малолетни деца и државјанин на Авганистан.
Полицијата одзела два куфера од просторијата и ги превела во полициската станица. При нивното отворање било откриено тело на замрзнато новороденче во сад поставен во куферот.
За време на распитот, 28-годишната жена изјавила дека бебето е нејзино и дека го изгубила пред осум месеци. Во текот на постапката било утврдено и дека 15-годишната ќерка е бремена, а како татко на детето се посочува присутниот авганистански државјанин.
За случајот е известен дежурен обвинител, а надлежните служби спроведуваат предистражна постапка за целосно разјаснување на настанот.

