СДСМ побара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што тврдат, нов скандал со незаконско издавање возачки дозволи за „Ц“ и „Д“ категории во рамките на МВР.
Членката на Извршниот одбор на СДСМ Наташа Поповиќ обвини дека за мито од околу 1.400 евра биле издавани дозволи за управување со камиони и автобуси на лица кои, според партијата, ниту посетувале соодветна обука, ниту полагале испит.
Од СДСМ тврдат дека шемата функционирала така што лицата фиктивно пријавувале изгубена возачка дозвола, по што во системот незаконски им биле допишувани „Ц“ и „Д“ категории.
„Поради оваа мафијашка мрежа во МВР, во овој момент на нашите патишта се движат над 300 потенцијални убијци – лица кои без обука возат тешки товарни возила или превезуваат патници со автобуси“, изјави Поповиќ.
СДСМ бара Тошковски јавно да одговори кој е вклучен во шемата, како било можно ваква операција да се одвива во рамките на министерството и дали некој ги штител вклучените службеници.
Од партијата бараат и одговор каде завршувале парите од, како што велат, по 1.400 евра за секоја незаконски издадена дозвола.
„Како е можно ваква масовна, организирана операција за фалсификување на државни документи да му се одвива пред нос, во неговото министерство?“, праша Поповиќ.
СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори итна, независна и темелна истрага, а институциите веднаш да ги лоцираат и поништат сите, според нив, над 300 незаконски издадени дозволи.
Од опозициската партија бараат и политичка одговорност од министерот Тошковски.
„За ваков тежок удар врз безбедносниот систем, оставката е најмалку што може да се направи“, порача Поповиќ.

