ВМРО-ДПМНЕ тврди дека платите и пензиите во периодот на актуелната Влада растат значително побрзо отколку во времето кога на власт беа СДСМ и ДУИ.
Пратеничката Драгана Бојковска на прес-конференција направи споредба на движењето на просечната плата и старосната пензија во двата периода, оценувајќи дека економските резултати на Владата се гледаат токму преку овие бројки.
Според податоците што ги презентираше, во јуни 2017 година просечната плата изнесувала околу 22.800 денари, а во мај 2024 година достигнала 41.250 денари. Тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, е зголемување од нешто повеќе од 18.400 денари за седум години, односно просечен раст од околу 220 денари месечно.
Бојковска наведува дека во јули 2024 година просечната плата била околу 40.900 денари, а до мај 2026 година се искачила на повеќе од 49.500 денари. Тоа е раст од околу 8.600 денари за 23 месеци, односно во просек повеќе од 370 денари месечно.
Од ВМРО-ДПМНЕ пресметуваат дека тоа претставува околу 70 проценти побрз месечен раст на просечната плата во споредба со периодот 2017–2024.
Слична споредба партијата прави и кај пензиите. Во јуни 2017 година просечната старосна пензија, според нивните податоци, била под 15.300 денари, а во мај 2024 година над 22.900 денари.
Во јули 2024 година просечната старосна пензија изнесувала околу 22.850 денари, а во мај 2026 година над 29.700 денари. Тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, е зголемување од повеќе од 6.800 денари за 23 месеци.
Партијата тврди дека месечниот раст на старосната пензија во актуелниот владин мандат е околу 325 проценти поголем во споредба со периодот кога на власт биле СДСМ и ДУИ.
„Ова е разликата меѓу политики што носат резултати и политики што остануваат само на зборови“, порача Бојковска.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека целта на Владата останува натамошно зголемување на платите и пензиите, повеќе инвестиции, нови работни места и подобар животен стандард.

